На „Охридско лето“ концерт, изложба и премиера

Од:

Концерт на женскиот хор „Света Злата Мегленска“ во „Света Софија“, тематска изложба „Колажна приказна“ со дела на Илина Арсова и премиерна изведба на претставата „Стари времиња“ во продукција на Народниот театар од Охрид, се вечер на програмата на  „Охридско лето“.

Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ е основан во 1996 година при Македонската православна црква, со благослов на митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. Составен е од 25 женски вокали, повеќето од нив студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје, но и други државни факултети. Со својата посветеност и професионален однос, овие млади уметници придонесуваат за промоција и афирмација на македонската културна традиција, како и на македонската хорска музика.

Покрај редовните концерти во Македонија, хорот досега има остварено и голем број меѓународни претставувања во Европа (Велика Британија, Белгија, Германија, Франција, Италија, Грција и др.), но и во Австралија и во Соединетите Американски Држави.

Летка Димовска-Полизова е основач, диригент и уметнички раководител на женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“. Во текот на својата кариера, успешно раководи со повеќе хорови во Македонија, како детскиот хор при МРТВ, потоа мешаниот младински хор „Кочо Рацин“, камерниот хор при Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ и други. Добитник е на повеќе национални и интернационални награди, меѓу кои и признанието „најуспешна жена – диригент во Македонија“.

Тематската поставка „Колажна приказна“ на Илина Арсова  е нејзиното најново ликовно излагање,  низ кое авторката преку серија колажи и слики уште еднаш го покажува својот емотивен спој на природата и уметноста. Колажите се создавани во последните две години од разни отпадни материјали што најчесто ги преплавуваат нашите подруми и тавани. Таа буквално го претвора целиот свој личен отпад во слика, користејќи го постоечките бои и текстури на текстил, пластика и хартија врз која дава свој потпис преку интервенција со боја и цртеж.

Десет години по дипломирањето на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, авторката прв пат самостојно изложува во Охрид, на престижната манифестација „Охридско лето“. Во меѓувреме Арсова групно и самостојно се претставува на бројни изложби ширум светот, а ова е нејзина 13-та самостојна изложба.

Во овој циклус таа се претставува и со слики од последната фаза кога живее и твори во Охрид, нејзиниот нов дом и нова љубов. Давајќи креативна димензија на веќе изумрените материјали, Арсова пренесува глобална порака за подигнување на еколошката свест кај народот, спас на планетата Земја и зачувување на природното и културно наследство на Охрид.

За театарската премиера на најпознатото дело на Харолд Пинтер „Стари времиња“, во изведба на Охридскиот театар повеќе детали ќе соопштат актерите и режиерката на претставата Нела Витошевиќ, на тематската прес-конференција што ќе се одржи во текот на денот.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма