Преку формирањето на Националниот инвестициски комитет се очекува да се обезбеди понатамошна ефикасна координација на развојните политики преку подобро планирање и приоритизирање заради подобра алокација на средствата за транспортната инфраструктура и енергетската поврзаност на земјата со земјите од Западен Балкан во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан 2015 (WBIF 2015).
Ова го истакна вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими на првиот состанок на Националниот инвестициски комитет (НИК), којшто се одржа денеска во Скопје.
Како што информира Секретаријатот за европски прашања, на состанокот, истовремено биле дискутирани и приоритетите на долг и среден рок опфатени во рамки на Западен Балкан (WB 6), каде Коридорот 8 и Коридорот 10 се потенцираа како приоритетни и тие ќе бидат презентирани на Европската Комисија на претстојниот Самит во Виена во август 2015.
Вицепремиерот Бесими, се наведува, во обраќањето, ја истакнал важноста од енергетско и транспортно поврзување на земјите од Западен Балкан и ЕУ, како клучен фактор за раст и отворањето на нови работни места во регионот.
Покрај Бесими во својство на ко-претседавач,, на состанокот се обратиле и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски исто така во својство на ко-претседавач, евроамбасадорот Аиво Орав, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и директорот на МЕПСО Синиша Спасов.
Присутни на состанокот биле високи претставници на Владата на Република Македонија, амбасадорите на ЕУ, високи претставници од меѓународните финансиски институции, билатерлните партнери и донаторската заедница со постојана мисија во Република Македонија.
Националниот инвестициски комитет (НИК) е советодавно тело во кое на транспарентен начин се дискутира за стратешки инфраструктурни проекти, со цел преку експертска размена на мислења на претставниците од македонската страна и меѓународните институции да се постигне поголема координација на сите страни кои се заинтересирани за финансирање на инвестициските проекти во секторите транспорт, енергетика, социјала и животна средина.
Националниот инвестициски комитет (НИК) е составен од три дела. Првото ниво e составено од следните постојани членови по функција: вицепремиерот задолжен за европски прашања, како ко-претседавач; вицепремиерот и министер за финансии, како ко-претседавачи, Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и други министри.
Второто ниво го сочинува техничката работна група – оперативно тело кое го формулира, промовира и надгледува спроведувањето на секторскиот пристап.
Третото ниво го сочинуваат работните групи за програмирање во секторите: транспорт, животна средина, енергетика и социјален сектор.