Коалициските сили, предводени од Саудиска Арабија, кои од март ги бомбардираат позициите на шиитските бунтовници во Јемен, прогласија еднострано петдневно примирје од понеделник, со цел да се достави хуманитарна помош.
Во меѓувреме, билансот на жртвите од денешниот воздушен напад на коалициските сили во градот Тазу во централниот дел на Јемен, достигна 80 лица, а најмалку 150 се повредени.
Прекинот на огнот ќе стапи во сила од утре на полноќ, се наведува во соопштението од коалицијата, која го задржува правото соодветно да одговори на„воените дејствија или движења“ на бунтовниците.
Одлуката за примирје е донесена на барање на јеменскиот претседател Абд Рабу Мансур Хади, кој заедно со поголем дел од неговата влада побараа засолниште во саудиската престолнина Ријад.
Двата претходни прекина на огнот, во чие посредување учествуваа ОН, не се одржаа.