Подружницата на шумското стопанство „Кожуф“ од Гевгелија почна со издавање сезонски потврди за отстрел на дивеч кои на пасионираните ловџии од општината и регионот ќе им овозможат во секое време да ги користат услугите на ловиштето „Милисин“ во пазувите на планината Кожуф.
Според шумските работници, сезонската потврда на ловџиите им нуди можност секој ден вон главната ловна сезона да добиваат дневни дозволи за отстрел на дивеч само на територијата на ловиштето „Милисин“ со кое стопанисува гевгелиската подружница на шумското стопанство „Кожуф“.
Сезонските потврди се издаваат во подружницата во Гевгелија по цена од 50 евра во денарска противвредност, со рок на важење од една година.На ловџиите кои вон сезона ќе бидат фатени во криволов, ќе им бидат одземени отстрелот и оружјето, а за сторениот прекршок ќе им биде поднесена пријава. Казната за сторениот прекршок се движи од 1.500 до 4.000 евра во денарска противредност.