Во последната година 74 отсто од граѓаните на Македонија платиле радиодифузна такса за МРТ, а според последната анкета на ИРИ, само 4 отсто од граѓаните за политичките случувања во земјата се информираат преку телевизијата која ја плаќаат. За раководството на медиумската куќа ова воопшто не претставува проблем или некако срам.
-Ја прифаќаме анкетата на ИРИ. Не го гледам како проблем тоа што 4 отсто од гледачите се информираат преку политичката програма. Тоа воопшто не е срам за нас, зошто би било? – рече извршниот директор на МРТ, Марјан Цветковски, на денешната јавна расправа на тема финансирањето на МРТ.
При тоа тој додаде дека забавната и едукативната програма бележат поголема гледаност.
Во преговорите за решавање на политичката криза меѓу власта и опозицијата се разговара и за смена на кадрите во МРТ. На прашањето дали го доживува како личен пораз тоа што неговата функција во МРТ е дел од преговорите меѓу власта и опозицијата, Цветковски одговори дека него го избира Совет и само Советот може да го разреши.
Иако граѓаните кои плаќаат за МРТ не се информираат преку оваа телевизија, од година во година се подобрува наплаќањето на радиодифузната такса. За разлика од 2011 година кога околу 30 отсто од граѓаните платиле за оваа такса, во 2014 година бројките достигнале до 74 проценти. Во меѓу време е отворен шалтер на МРТ и на УЈП каде граѓаните дека можат да се обратат доколку имаат проблем со наплатата, порача Цветковски.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) предлага наместо да се финансира со средствата од радиодуфузна такса, МРТ да добива еден процент од годишниот буџет на земјата. Тоа би значело 30 милиони евра, наместо 14,5 милиони евра колку што изнесува годишниот буџет на телевизијата. Буџетските средства би се исплаќале на 12 месечни рати.
Во овој дел со ЗНМ се согласуваат и од Македонската асоцијација на новинари (МАН). Цветковски, пак, директно порача дека МРТ има потреба од повеќе пари за да функционира стабилно.
-Овие средства не се доволни за стабилноста на МРТ – рече тој посочувајќи дека во Германија годишниот буџет на државната телевизија е во износ од 9 милијарди евра, дека во Англија е 7,1 милиони евра.
За разлика од овие земји, во Андора пак државната телевизија работи со тројно помалку средства, односно 3,6 милиони евра.
Раководството на МРТ смета дека јавниот сервис треба да има годишен буџет барем половина од тоа што го има ХРТ. Хрватскиот јавен сервис располага на годишно ниво со 186 милиони евра, па од МРТ сметаат дека треба да имаат барем 50 отсто од тоа, имајќи го во предвид, велат, фактот што Хрватска е земја два пати поголема од Македонија.
Дека е потребно зголемување на буџетот, се согласува и претседателот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски. Како што рече тој МРТ е под постојан надзор на Агенцијата, но воопшто не ги прокоментира наводите во меѓународните извештаи, како последниот на Прибе, каде се констатира партизација и политизација на јавниот сервис. Во два наврати за време на јавната расправа беа цитирани делови од извештајот на Прибе.
ЗНМ јавно побараа да учествуваат во разговорите што Владата ги води во опозицијата на тема јавниот сервис и медиумите, за Здружението да се произнесе пред да се донесат финални решенија.
Маја Васева