Заврши асфалтирањето на 13-тата улица во Штип, која беше предвидена за реконструкција согласно програмата донесена од страна на градоначалникот и на Советот на Општина Штип.
Милена Ристова-Михајловска, портпарол на градоначалникот на Општина Штип вели дека во населбата Дузлак, за време на викендот заврши асфалтирањето на главната улица „Драги Крупишки“ во должина од неколку стотина метри.
– Асфалтирањето на „Драги Крупишки“ е во вредност од 1,4 милиона денари, без ДДВ, а следи работа во населбата Баби каде е предвидено асфалтирање на главната улица „Лески“. Тоа ќе биде 14.та сообраќајница, која ќе се асфалтира, а согласно програмата предвидени се уште шест други улици и дополнително уште десетина кои добија зелено светло од Советот на последната седница, со дополнувањето на програмата, вели Ристова-Михајловска.
Предвидено е асфалтирање и на улица во населба Железничка во вредност од 3.200.000 денари и во Долна Железничка во вредност од 3.400.000 денари откако прво ќе се работи на водоснабдувањето.
Од кабинетот на градоначаникот Илчо Захариев соопштија дека покрај овие улици, асфалт ќе има и за дел од „Маршал Тито“ кај ЈП Исар, за улиците во населба Чардаклија, „Пиринска“, „Васил Доганџиски“и уште десетина други помали улици во населба Дузлак.