Умберто Еко: Кажете им НЕ на мобилните телефони

Од:

Aкузатив – Белград

Постојаното користење на мобилен телефон е доказ за неспорна општествена маргиналност на поединецот. Лесно е да се потсмеваме на сопствениците на мобилни телефони. Треба прво да се утврди на која од петте можни категории тие припаѓаат.

Во првата се хендикепираните луѓе, принудени непосредно да бидат во контакт со лекари или итна помош. Нека е благословена технологијата која им стави на располагање таква корисна направа.

Во втората група спаѓаат сите кои поради важни деловни обврски се во состојба на постојана подготвеност (командири на противпожарни бригади, селски лекари, трасплататори на органи во очекување на свеж мртовец…). За нив мобилниот телефон е нешто што е многу потребно и речиси никакво задоволство.

Трети се прељубниците. Тие прв пат во историјата можат да примаат пораки од тајниот партнер кои членовите на нивните семејства, секратарките или злобните колеги не можат да ги уловат. Доволно е телефонскиот број да го знаат таа и тој (или тој и тој, таа и таа; не можам да се сетам на други можни комбинации).

Сите три наведени категории заслужуваат наша почит: подготвени сме поради првата да бидеме вознемирувани во ресторан или за време на погребен церемонијал, а прељубниците често се многу дискретни.

Следат преостанатите две и тоа ризични категории (за нив самите и за нас).

Во едната се сите тие кои никаде не се движат ако немаат можност да разговараат за се со пријателите и роднините од кои штотуку се разделиле. Ним тешко може да им се објасни зошто не треба да го прават тоа: ако не им поаѓа од рака да побегнат од таа принудна интеракција и да уживаат во моменти на самотија, ако не можат да се заинтересираат за она што го работат во тој момент, да ја искусат оддалеченоста откако ја искусиле блискоста.. па добро, тогаш тоа е проблем за психологија.

Ни пречат, но мораме да ја разбереме нивната страшна внатрешна сиромаштија, благодарни што самите не сме такви и да им простиме (не дозволувајте да ве обземе луциферска радост што не сте како нив, бидејќи тогаш тоа е недостаток на милосрдие). Прифатете ги како свои блиски кои страдаат и пружете им го и другото уво.

Последната категорија ја чинат лица кои сакаат во јавноста да остават впечаток дека се многу барани, посебно поради деловни консултации: разговорите кои сме принудени да ги слушаме, на аеродромите, во рестораните или возовите, секогаш се однесуваат на парични трансакции, некоја промашена испорака на метални профили, обиди да се наплати испорачана партија на вратоврски и слично, поради што секој говорник звучи помалку како Бил Гејтс.

Поделбата на класи е суров механизам па новиот богаташ и кога заработува енормни суми, поради наследен пролетерски жиг, не знае како да употреби прибор за риба, да закачи кадифено мајмунче на задното стакло од своето ферари, Свети Кристофер на инструмент на табла на приватен авион или да изговори менаџмент; и затоа нема да биде поканет кај војвотката Гуерментеза (а ќе се праша зошто, кога има јахта доволно долга да спои два брега).

Тие не знаат дека Бил Гејтс нема потреба од мобилен телефон, бидејќи има цел секретаријат, толку моќен и ефикасен, што во најлош случај ако некој му почине од семејството, на пример дедото, ќе му пријде возачот и тоа ќе му го шепне на уво.

Моќен човек е тој кој не мора да одговара на секој повик, напротив, обично велат дека не е тука. И на пониското раководно ниво две работи го симболизираат успехот: клуч од приватен тоалет и секретарка која вели: господинот во моментов е надвор од канцеларијата.

Затоа, кој претерано користи мобилен телефон како симбол на моќ, напротив објавува дека е во безнадежно потчинета положба, принуден да скокне на повиците дури и кога води љубов, секој пат кога претпоставените го бараат, осуден да ги прогонува доверителите дење и ноќе за да преживее; и самиот прогонет поради издаден чек без покритие.

Но, расфрлањето со мобилен телефон е доказ дека тие работи не ги знае и потврда на неговата неспорна општествена маргиналност.

Од книгата на Умберто Еко „Како патував со лосос“

Би можело да ве интересира

4iG ги поттикнува иновациите и растот како лидер на пазарот во мобилните телекомуникации

Горан Наумовски

На мобилен месечно зборуваме по 3,5 часа, на фиксен половина час

Ана Ололовска

A1 Македонија ќе ги доставува месечните сметки електронски до корисниците

Ана Ололовска

Вестагер: Нокиа и Ериксон да одговорат дали се за продажба

Предраг Петровиќ

Во првиот квартал 1,9 милиони претплатници во мобилната телефонија

Ана Ололовска

Во мобилната телефонија 1,969 милиони претплатници

Ана Ололовска