Соработка меѓу Македонија и Бугарија во областа на креативните индустрии

Од:

Делегации од министерствата за култура на Македонија и Бугарија денеска имаа неформална средба посветена на секторот креативни индустрии, иницирана од Културно-информативнот центар на РМ во Софија, кој беше и домаќин на средбата.

Претставниците разменија искуства за разработените документи и стратегии за развој на креативните индустрии како гранка која генерира економски раст и отвора работни места.

Деана Данаилова, раководител на одделот меѓународна дејност во Министерството за култура рече дека имаат национален фонд Kултура кој ги поддржува креативните индустрии. Секоја година тој поставува приоритет во некоја област и преку конкурс се распределуваат средствата чиј износ зависи од годишниот буџет на Министерството.

– Одделно во фондот Култура, има и програма Мобилност, која осигурува патни трошоци за творците кои патуваат со своите креативни проекти за нивно претставување во странство… Ние не сакаме да правиме тесно ограничување на културните и креативните индустрии затоа што, на пример, туризмот е посебен сектор, но културните и креативните индустрии се меѓу основните ресурси за развој на културниот туризам. Покрај традиционалните индустрии, треба да се поддржат и новите индустрии кои се сврзани со новите технолоогии…. Сега се запознаваме и гледаме како да си помогнеме и чесно да кажам, можеме и ние многу да научиме од вас, изјави Данаилова.

Борче Николовски, државен советник во секторот за евроинтеграции во Министерството за култура, ја запозна бугарската делегација со она што Министерството прави во креативните индустрии. Стратешките насоки се внесени во Националната стратегија за култура, а од 2013 се распишуваат годишни конкурси за финансиска поддршка на проекти. Се избираат тие што ги исполнуваат утврдените критериуми и кои се различни – од занаетчиски производи-ракотворби, до органска храна и дизајн. Буџетот за конкурс се движи околу 5,5, милиони денари. Според Николовски, интересот се зголемува со секој нов конкурс.

– Во 2009 година го направивме првото мапирање на креативните индустрии во Република Македонија кое, иако непотполно, ни даде почетен увид во состојбата и потенцијалот на секторот. Тековно, работиме на подготовките за поопфатно мапирање, статистичка и квалитативна анализа чиишто резултати стратешки би можеле да се искористат за дефинирање на наскоите за развој на креативните индустрии. Од денешната средба го издвојувам нашиот неформален договор за меѓусебна размена на податоците од секторот креативни индустрии, како и за текстовите на стратешките документи. Воедно, стана збор и за отворената можност за користење на експертизата во оваа област, рече Николовски.

Во македонската делегација беше и Весна Аврамовска од МАТА-Скопје, корисник на средства од конкурсот на Министерството за култура за поддршка на креативните индустрии, која укажа на можни подобрувања на критериумите за да се добијат поквалитетни проекти.

– Сметам дека критериумите на конкурсот опфаќаат премногу различни групи на апликанти, со различен капацитет, со што бројот на апликации се зголемува. Се оди на квантитет наспроти квалитет. Исто така, даноците кои се однесуваат на секторот што јас го претставувам – креативно занаетчиство и ракотворење, е пожелно да бидат помали поради тоа што овој сектор е посиромашен во однос на други сектори кои исто така припаѓаат во креативните индустрии, рече Аврамовска.

Директорот на КИЦ на РМ во Софија, Васко Шутаров, кој ја организираше средбата, очекува да продолжат контактите меѓу двете министерства за култура.

– Ова беше добра можност да се препознаат искуствата од областа на креативните и културните индустрии и да се проектираат можности за идни соработки, рече Шутаров.

Би можело да ве интересира

Корчок: Се надевам дека преговарачката рамка ќе биде усвоена за време на португалското претседателство

Димитров и Османи во Брисел на средби со Борел и Лајчак

Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

СДСМ: Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признае пописот е доказ за антидржавно и деструктивно однесување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пендаровски: Не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции, мора да сме системски подготвени за следната криза