Директор на Ветеринарната станица во Велес д-р Димче Димитриевски, денеска информира дека во поширокиот велешки регион нема овци и кози заболени од бруцелоза.
– Од испитаните примероци на крв кај 25 илјади грла на овци и кози во изминатите неколку месеци во поширокиот велешки регион вклучувајќи ги и Општините Градско и Чашка нема заболени грла на бруцелоза. Сметаме дека болеста која порано ги десеткуваше стадата е веќе искоренета, а тоа е резултат и на редовната вакцинација на стоката, потенцира Димитриевски.
Тој потсети дека акцијата за испитување на крв кај стоката беше во рамки на превентивните годишни акции за сузбивање на оваа болест.
Во изминатите неколку месеци паралелно со оваа акција против бруцелоза биле вакцинирани околу 5 илјади подмладоци на стоката како јагниња и помал дел на јариња.
Воедно, стручните ветеринарни екипи на Ветеринарната станица, а во соработка и по препораки на Агенцијата за храна и ветеринарство во насока на превентивна заштита деновиве засилено по велешките села вршат едукација на сточарите за заштита на стоката-овци,кози и говеда од болеста „син јазик“. Се дели и пропаганден материјал за тоа што е болеста, како се пренесува, како да се препознае и пред се’ како да се заштити стоката од болеста.
– Болеста се пренесува единствено преку каснување од инсекти мушички од видот Culicoides посебно во летните месецикога има топли и дождливи периоди. Со оглед на временските услови кои придонесуваат за енормно брзо множење на овие мушички ги предупредуваме сточарите навреме да ја заштитат стоката од оваа болест. Сето тоа поради лошото искуство од изминатата година, а која остави тешки последици кај стоката од поедини стада, предупредува д-р Димитриевски.
Инаку, според штотуку завршениот годишен попис од страна на ветернираните екипи на Ветеринарната станица од Велес, во велешкиот поширок регион регистрирани се околу 45 илјади поголем број овци и во помал број кози.