Дваесет и девет лица, од кои 26 деца, биле повредени во камп во северниот дел на Чешка, откако низ базенот во кој се капеле поминала електрична енергија, јави дописникот на МИА од Прага.
Повредените, од кои поголемиот дел биле деца од пет до осум години, биле однесени во болница, каде не биле регистрирани сериозни повреди.
Според првите информации на спасувачките екипи најверојатно дошло до протекување на вода во шахтата каде се наоѓала електричната инсталација од каде струјниот удар се пренел во базенот.
– Не е забележано губење на свеста кај ниеден од повредените, а не се забележани ниту срцеви промени. Забележани се субјективни повреди, како трнење на рацете и слично, изјави Петр Буреш, претставник на Здравствената служба во Устецкиот крај.
Полицијата ги истражува деталите за несреќата.
Чешка изминатите денови беше зафатена од тропски жештини со температура од 37 степени, па базените во целата земја беа преполни со посетители.
Синоќа земјата ја зафати невреме кое предизвика прекин на електричната енергија во повеќе градови и го отежна сообраќајот во планинските предели поради голем број паднати дрвја, гранки и одрони на земја.