Хакерската група „Анонимус“ тврди дека го открила идентитетот на човекот што го малтретирал 15-годишното девојче од Канада, Аманда Тод, која поради тоа извршила самоубиство. Девојчето паднало во депресија и станало анксиозно, а своето страдање го опишало во потресното видео што го поставило на интернет неколку недели пред да се самоубие.
На порталот „pastebin.com“ се наведува дека станува збор за 30-годишен маж од Њу Вестминтер во Британска Колумбија, кој ја натерал тинејџерката да се фотографира со голи гради, а потоа ја уценил со тие фотографии и го претворил нејзиниот живот во пекол.
Ова е педофилот што ја принудил Аманда Тод да му праќа нејзини разголени фотографии, наведува „Анонимус“. Во меилот упатен кон телевизијата Си-ти-ви, групата „Анонимус“ соопшти дека избегнува контакт со полицијата, но дека е принудена своето знаење да го искористат во службата за заштита на деца. Ова е многу тажна приказна што не погодува сите нас, наведува групата.
Мажот што „Анонимус“ го идентификувала како мачител на Аманда, во понеделникот се појавил на суд под обвинение за сексуален напад врз малолетничка, во случај што нема поврзаност со Аманда, наведува Си-ти-ви. Тој тврди дека ѝ бил пријател на Аманда и дека тинејџерката ја злоставувал некој друг маж од Њујорк.