Охрид е минато за финските туристи кои организрано престојуваат покрај езерото. Градот не е повеќе во каталогот за 2013 година на финскиот тур оператор Ауринко Маткат, преку кој во изминативе две години дојдоа повеќе од 2000 фински туристи.
Како што дознаваме финскиот тур оператор од аспект на профитабилност, скратил десет дестинации од повеќе од 200 во светот на кои што оперира помеѓу кои и Охрид.
Една од причините е што повеќе од 20% од продадените аранжмани за Охрид биле продавани во последен момент по цени пониски од предвидените, односно таканаречените „last minute“ аранжмани. Финците според кажувањата на хотелиерите биле задоволни од услугата, од сместувањето, од престојот и од градот заминувале без поплаки.
Од Хелсинки до Охрид леташе по еден чартер неделно со по околу 100 туристи. Во 2010 бројот на чартер летови беше 10, во 2011 година се намали на девет. Цените на аранжманите се движеа од 350 до 800 евра. Според хотелиерите ова негативно ќе се одрази пред се на пробивањето на Охрид и Македонија како туристичка дестинација на пазарите во останатите скандинавски и балтички држави. Тие се надеваат дека ситуацијата ќе се промени и Финците повторно ќе се одлучат за Охрид.
„Недоаѓањето на гостите од Финска е поврзано со сите скандинавски држави. Кога Ауринко Маткат ја отвори линијата во Дубровник, потоа почнаа да доаѓаат и шведски, норвешки и дански агенции. Генерално не остваруваа многу ноќевања во Охрид, но маркетиншки бевме добро позиционирани на тој пазар и имавме шанса да влеземе и на другите скандинавски држави. Имаше такви најави, а кај нас дојдоа и агенции од тие држави, но ништо конкретно не беше договрено“, рече Филип Мишески, менаџер во хотелот Метропол.
Мики Трајковски