НСДП смета дека е наивно да се верува дека човек што командува со секој лост во државата, ќе си замине покајнички и ќе ги деблокира преговорите за излез од политичката криза.
„Имајќи ја огромната машинерија на моќ зад себе, тој се уште мисли дека е недопирлив и семоќен. Иако ја гледа, сеуште не може да ја види тажната македонска реалност. Покажува знаци на уплашеност, иако секојдневно ја уверува македонската јавност дека без проблем ја контролира состојбата во земјата и воопшто не се откажува од програмата на продавање магла.
За таквата негова самоувереност “ најзаслужни“се обвинителството и судството кои со својата понизност и послушност, го поштедуваат за неговите криминални дејанија, додека со сите средства настојуваат да го дискредитираат лидерот на опозицијата Зоран Заев со намера да му ја нарушат преговарачката позиција. Доколку актуелните состојби добијат дополнителна драматика, овие две институции ќе бидат најголеми виновници. Државниот јавен обвинител веќе подолго време е повлечен во илегала, а во исто време ниту еден од неговите 17 потчинети јавни обвинители, што работат на кривичните пријави против Груевски неуспеаја барем еднаш да го викнат на распит“, велат од НСДП.
„За НСДП е извесно дека што повеќе се опструираат преговорите од страна на Груевски, Македонија се повеќе ќе тоне во криминал, корупција и тешки злоупотреби од страна на власта. Под негово водство Македонија ќе остане земја на дискриминирани и ограбени граѓани по многу основи. Во такви околности неможе да се очекува нејзиниот челник да се повлече од незаслужената позиција и да поднесе оставка. Бедно се брани со евтина демагогија и држејќи ја власта со репресивен апарат не го крие бесот кон сите што се сомневаат во неговата “посветеност” на Македонија и македонскиот народ.
Затоа НСДП уште еднаш го повикува Никола Груевски да си поднесе безусловна оставка и да и овозможи на Македонија цивилизиран излез од политичката, економската, моралната и вкупна општествена криза“, пишува во соопштението на НСДП.