Српскиот претседател Томислав Николиќ ја замолил Русија да стави вето на британската резолуција во Советот за безбедност на ОН, која убиставата во Сребреница за време на војната во БиХ од 1992 до 1995 година ги окарактеризира како геноцид, пренесоа американските медиуми.
Во писмото до претседателот на Русија, Владимир Путин, српскиот претседател апелира за руско „њет“ во Советот за безбедност следната недела, кога се очекува резолуцијата да дојде на дневен ред.
Британската резолуција беше изготвена по повод одбележувањето на 20-годишнината од масакрот на околу 8.000 муслимански мажи и момчиња од босанските српски сили во јули 1995 година.
Настаните веќе се прогласени за геноцид од судовите на ОН.