Територијалната противпожарна единица од Кавадарци повеќе од четири часа интервенираше во гаснењето на пожарот предизвикан од удар на гром врз неколку објекти на улицата „Питу Гули“.
– Се работи за две куќи лепенки во кои живеат неколку семејства. Од пламените јазици беа зафатени горните катови и покуќнината во нив, додека штети има и во долните катови. Среќа во несреќа е што нема повредени – изјави попладнево за МИА Блажо Милев, шеф на смена во Територијалната противпожарна единица во Кавадарци.
Во гаснењето учествувале тројца кавадаречки пожарникари на кои им се придружиле колеги од Неготино, како и работници од неколку кавадаречки претпријатија и граѓани. На располагање биле неколку противпожарни возила и цистерни.
Од локалната самоуправа Кавадарци најавија помош за семејствата кои претрпеа штети од пожарот.