Минималната откупна цена на пченицата според земјоделците би требало да се движи од 10 до 14 килограми за килограм во зависност од квалитетот, а мелничарите предлагаат таа да биде 8 до 9 денари за килограм.
Можните минимални откупни цени на пченицата, претставници на земјоделските здруженија и на мелничката индустрија разговараа денеска на средба со министерот за земјоделство Михаил Цветков.
Заклучено е по објавувањето на берзанските цени за новата пченица, односно на крајот од идната недела, повторно да се одржи состанок на кој ќе се дефинираат минималните цени, соопшти по средбата Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Со оглед на тоа што моментно се увезуваат брашно и пченица од ланската реколта и за поголема заштита на потрошувачите, земјоделците и мелничарите побарале Агенцијата за храна и ветеринарство да продолжи со зајакнати контроли на квалитетот и безбедноста на увезенето брашно и над операторите со храна кои вршат увоз на брашно.
Министерството за земјоделство, истакнал министерот Цветков, ќе продолжи да ја следи состојбата и ќе ги преземе сите мерки за успешна реализација на претстојниот откуп на пченицата во интерес на земјоделците, мелничката индустрија и на потрошувачите.