Чешка се уште ги дискриминира Ромите во повеќе области и кон тоа во последно време придонесуваат и политичките лидери на земјата.
Ова произлегува од Извештајот објавен од страна на американскиот Стејт департмент за проценка на индивидуалниот пристап на одделни земји кон човековите права за 2014 година, јави дописникот на МИА од Прага.
Слично критична е американската дипломатија и во прашањето за Ромите во Словачка.
„Според невладините организации, во текот на 2014 година пораснал говорот на омраза од страна на политичарите, вклучувајќи пратеници, сенатори и локални политичари од целиот политички спектар“, се вели во Извештајот, кој и во изминатите години ја обвинуваше Чешка за нееднаков пристап кон Ромите.
Според Извештајот, околу една третина од нив живеат во 400 гета.
Според Американското Министерство за надворешни работи, дискриминацијата се уште се гледа посебно во образованието каде процентот на ромски деца кои посетуваат специјални училишта е несоодветен со бројот на децата на мнозинското население.
Според истражувањето, Ромите се исто така изложени на потешкотии во секојдневниот живот, на пример поради тоа што не им е овозможен доволен пристап до банкарски сметки и лесно се злоупотребувани од страна на користољубивите компании за давање кредити.
САД констатираат и проблем кај медиумите, кои според нив и понатаму нееднакво информираат за кривичните дела извршени од Роми отколку за истите работи сторени од мнозинското население и другите малцинства.
Во извештајот е критикувана и Словачка, каде што Американската администрација забележува анти-ромски маршеви и протести во текот на минатото лето организирани од екстремната десница.
Цел на дискриминацијата според Извештајот не се само ромските деца во образовниот словачки систем туку и мајките во некои болници во источна Словачка, каде е забележано дека се одделуваат во посебни оддели и не им дозволуваат да бидат си мајките од мнозинското население и да користат на пример заеднички купатила.