Владата усвои план за реформи во судството, изборното законодавство, реформи за унапредување на граѓанските слободи и на слобода во медиумите, објави на својот фејсбук профил, премиерот, Никола Груевски. Како што објаснува тој, овој план треба да придонесе за европската интеграција на Македонија, а ќе се спроведува преку посебен тим на министри кои ќе се среќаваат неколку пати неделно.
Владиниот план доаѓа по експертискиот извештај на Европската комисија за состојбите во Македонија, како и по заклучоците на Советот на ЕУ кои беа усвоени вчера, а со кои врз македонската влада се врши дополнителен притисок да ги демократизира институциите.
„Дејствуваме за потребите и интересите на сите граѓани, за достигнување и унапредување на европските стандарди и почеток на заслужените преговори за членство во ЕУ. На вчерашната седница усвоивме План за нови реформи за европската интеграција. Покрај постоечките реформи кои континуирано ги спроведуваме, ова е нов обемен и амбициозен план за кој верувам дека ќе овозможи дополнителен напредок. План базиран на нашите разговори со ЕУ и препораките на европските институции и експерти, фокусиран на унапредување на владеење на правото, слободите, изборното законодавство, борбата со криминалот и корупцијата. Прецизно, со конкретни мерки, рокови, носители на проекти и цели кои треба да се исполнат. Ангажман на цела Влада и ангажман на посебен тим на министри кои неделно ќе се среќаваат неколкупати со цел да ги подготвуваат и реализираат евро-реформите. Македонија има сила, местото на Македонија е во Европската Унија“, пишува Груевски.
Владата го усвои овој план и покрај тоа што опозицијата инсистира со нејзино учество да се спроведат реформите во клучните области.