Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Поповски и Никос Коѕиас, на денешната средба во македонското МНР, договориле 11 мерки преку кои ќе се подобрува соработката меѓу двете земји, а кои се однесуваат на единаесет области од општествениот живот.
На овој начин, посочија министрите, ќе се направат напори да се подобри довербата меѓу двете земји, за да се создаде клима во која би се овозможил конечен компромис за спорот со името.
Денес немаме решение за спорот со името, рече Поповски по средбата, но пристапивме за во догледно време да градиме клима за приближување. Главниот проблем, истакна, е непостоењето на доверба што го оневозможува решението.
– Денешниот заклучок е дека правиме нов чекор за зајакнат, активен пристап и за поттикнување на соработка. Најслабата алка во изминативе неколку денцении во нашите билатерални односи е секако довербата која очигледно била на недоволно високо ниво. Најсилна, пак, алка во нашите односи бил интересот и мотивот на нашите граѓани бизниси и општества да се поврзуваат и да соработуваат. Едноставно имаме традиција на недоверба која заедно можеме да ја надминеме и сметаме дека соработката е најдобра мерка за градење на доверба – изјави Поповски по средбата.
– Во овој дух мислам дека овој чекор на билатерална средба и разговори меѓу дипломатите е добар сигнал дека можеме да ги подобриме билатералните односи и да работиме на создавање на клима за адресирање на клучното прашање кое не е надминато во изминативе две децении. За спорот со името мораме прво да работиме на клима, а потоа на адресирање, бидејќи доколку било лесно да биде адресирано до сега веројатно ќе било и решено – додаде тој.
Неговиот грчки колега посочи дека со договорените единаесет мерки за соработка ќе се направат обиди да се подобри довербата, затоа што, рече, постоењето и стабилноста на Македонија е од големо значење за регионот.
– Се надевам во иднина ќе најдеме разбирање за спорот со името, верувем дека сме одлучни да го најдеме решението. Од историјата имаме научено колку е важен развојот на стабилности и безбедноста на Балканот… Грчката надворешна политика верува дека оваа земја е благодет и носител на стабилноста и безбедноста, и правиме се што можеме да го помогнеме вашиот пат кон ЕУ. Веруваме дека постоењето и стабилноста на оваа држава е значајно за Балканот. Постои разлика по одност на името, но за секој проблем постои решение – порача Коѕиас.
Мерките вклучуваат интензивирање на соработката меѓу двете земји на полето на образованието и културата преку соработка меѓу универзитетите и институтите, на полето на правдата и внатрешните работи преку размена на информации, на полето на економијата и трговијата преку економски релации и бизнис форуми, како и на полето на енергетиката и здравството.
Дополнително е постигната согласност двете земји да работат на подобрување на меѓусебната инфраструктура, а договорено е и редовно да се одржуваат консултации меѓу министерствата за надворешни работи.
На прашање за гасоводната мрежа Турски тек, Поповски рече дека во интерес на Македонија е да се најде нов доток на гас и решение кое ќе ја намали цената на гасот, но дека за неговата реализација мора да има согласност од ЕУ затоа што, рече,
Европската унија е од клучен фактор и во рамки на регулативата и во рамки на финансирањето.
Маја Васева