Грчките банки во банкарските сектори на балканските земји и ризикот од финансиска криза

Од:

Милиони луѓе во Македонија, Албанија, Бугарија, Романија и Србија имаат депозити во банки, кои се единици на грчки финансиски институции и може да бидат ранливи, ако Грција биде зафатена од банкарска криза.

Англиските медиуми направија листа на работењето на грчките банки во балканските држави и мерките, преземени од националните власти за намалување на ризикот од банкрот на грчкиот банкарски систем, пренесува БТА.

Македонија

Во Македонија работат две грчки банки кои заедно држат над 20 проценти од средствата во банкарскиот сектор. Тоа се „Алфа банк АД Скопје“ и „Стопанска банка АД Скопје“ во сопственост на Националната банка на Грција.

Според македонското законодавство грчките банки мајки не можат да повлекуваат над 10 проценти од основниот капитал, освен ако не продаваат делови на друг инвеститор.

– Централната банка ги презема сите неопходни мерки на претпазливост и веќе е подготвен дополнителен сет превентивни мерки во случај на најлошо сценарио, изјави гувернерот на банката Димитар Богов.

Во анализа за можно најлошо сценарио, при кое единиците на грчките банки во Македонија банкротираат поради масовно повлекување на депозити „Стандард банк“ оценува дека владата во Скопје ќе има потреба од 250 милиони евра или три проценти од БДП за целосна рекапитализација на банките.

Србија

Во Србија четири грчки банки имаат активи во вредност од 4 милијарди долари или 14 отсто од вкупните средства во банкарскиот сектор на земјата. Тоа се „Алфа банк“, „Еуробанка Еј-Еф-Џи“, „Пиреос банк“ и „Војвоѓанска банка“, кои се дело од групата на Националната банка на Грција.

Српската централна банка соопшти дека е воведен висок степен следење на работата на четирите грчки банки, особено во нивната ликвидност, односите со нивните банки мајки и случувањата на меѓународните пазари поврзани со банките во Грција и нивните единици.

Според институцијата секојдневните извештаи на грчките банки не покажуваат зголемување на капиталните текови, кои ја напуштаат земјата кон банките мајки или на значително повлекување на депозити. Централната банка на Србија нагласува дека грчките банки во земјата не се филијали, туку посебни правни лица, за кои важат строги ограничувања за акционерите и кои имаат капитални активи.

– Централната банка ќе продолжи да ги следи банките со грчка сопственост и доколку е неопходно ќе преземе и други мерки во рамките на своите овластувања, со цел да спречи евентуални негативни последици за српскиот банкарски сектор, се наведува во соопштението на институцијата.

Бугарија

Грчките банки држат 20 проценти од банкарскиот сектор во Бугарија. Меѓу нив се „Обединета бугарска банка“, која е во сопственост на Националната банка на Грција, „Поштенска банка“ контролирана од грчката „Еуробанк“, „Пиреос банк“, контролирана од „Пиреос банка“ и „Алфа банк“ која е директна единици на грчката „Алфа банк“.

Бугарската национална банка презема мерки за зајакнување на ликвидноста на банките со грчки капитал, како што се задолжителни поголеми депозити во централната банка, зголемување на делот на ликвидни активи и наламување на изложеноста кон банките мајки.

– Бугарскиот банкарски сектор е во одлична состојба, изјави Лубомир Митов, главен економист на „Уникредит Булбанк“.

Романија

Во Романија работат четири банки, во кои грчкиот капитал има мнозински удел. Тоа се „Алфа банк Романија“, „Пиреос банк“, „Банкпласт“, контролирана од „Еуробанк Ергасиас“ и „Банка романеска“, контролирана од Националната банка на Грција. Тие вкупно држат 12 проценти од банкарските активи во Романија.

Централната банка соопшти дека единиците на грчките банки во Романија се добро капитализирани. Најновите податоци покажуваат дека просечниот коефициент на покриеност со сопствен капитал е малку над 17 проценти. Освен тоа тие имаат големи портфолија на државни обврзници, кои им даваат можност при потреба да побараат финансирање од централната банка.

Албанија

Во Албанија во сопственост на Националната банка на Грција се „Приеос Тирана банк“ и „Алфа банк“. Тие имаат удел од 15,9 отсто во вкупните активи во банкарскиот сектор во земјата.

– Нивниот удел е намален на 15,9 проценти од 20 отсто во 2010 година, изјави Клоди Шеху, директор на департментот за финансиска стабилност на албанската централна банка.

Според Шеху централната банка наредила минимална капитална адекватност за грчките банки од 14 отсто во споредба со 12 проценти за останатите банки. Трите банки со грчка сопственост во земјата имаат капитална адекватност од над 17 проценти.

– Овие банки се добро капитализирани, ликвидни и способни да вршат навремени плаќања, независно што се случува во Грција, истакна Шеху.

Би можело да ве интересира

Два од земјотресите во Грција почувствувани во Гевгелија, Струмица, Велес, Скопје, Битола и Кавадарци

Катерина Ѓуровски

Се тресе Грција: девет земјотреси за еден час, најсилниот со јачина од 5.3 степени

Катерина Ѓуровски

Конфликтот меѓу две семејства во Грција загина тригодишно дете

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната