Фондацијата „Метаморфозис“, заедно со Македонски центар за европско образование (МЦЕО) и „Реактор“, денеска ја промовираше новата мобилна апликација Picodemocracy, преку која сите заинтересирани можат да поставуваат прашања или мини-референдуми на кои граѓаните ќе одговараат анонимно.
„На граѓаните треба да им се овозможи да го дадат своето мислење за сè што ги засега, за да можат да учествуваат во процесот на носење на одлуките. Со тоа, се зајакнуваат односите меѓу институциите и граѓаните, како и меѓусебната доверба. Кога граѓаните учествуваат во носењето на одлуките, тие чувствуваат и повеќе одговорност за нивното спроведување. Истовремено, и бараат одговорност и отчетност од институциите“, рече на денешната промоција програмскиот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Филип Стојановски.
Тој додаде оти приватноста на граѓаните е заштитена, тие не ги оставаат своите лични податоци при инсталација на апликацијата, а одговорите во вид на „да“ и „не“ се даваат во збирна форма. Таа е двојазична, односно може да се користи на македонски или на албански јазик, а резултатите од анкетите може да се споделат на социјалните мрежи. Сите заинтересирани можат бесплатно да ја инсталираат апликацијата на мобилни телефони со оперативен систем „андроид“ или „ИОС“ на „ајфон“.
Повеќе информации и фотографија од настанот во соопштението во прилог.