Петтемина нови дописни членови на МАНУ: Марјан Марковиќ, Драги Ѓорѓиев, Изет Зекири, Александар Димовски и Сашко Кедев, кои беа избрани на 18. Изборно собрание на Академијата на 17 јуни 2015, денеска имаа средба со нејзиниот претседател Владо Камбовски. За медиумите изјавија дека се почестени што се дел од највисоката научна институција во Македонија и што со својата стручност ќе придонесат во развојот на науката.
– Членството во МАНУ е мотивација повеќе да се работи во областа на историјата која секогаш е во фокусот на интересот на јавноста со горливите теми кои ги имаме со нашите соседи. Верувам дека со сериозен пристап и без емоции ќе успееме да постигнеме поголемо приближување во однос на ставовите за одредени проблематични историски настани, периоди и личности со соседните земји и дека само со дијалог меѓу научните институции и факултетите на нашите држави можеме да дојдеме до релаксирање на историски теми и проблеми кои ги имаме, рече историчарот Драги Ѓорѓиев, директор на Институтот за национална историја.
За Изет Зекири, изборот во Академијата е одговорен предизвик кој го потврдува неговиот ангажман во науката. – Ќе се потрудам да работам во мојата област, во организациските науки, во стратегиски менаџмент. Мојот придонес ќе биде во социјалните науки, вклучување во научно-истражувачките проекти што ги има Академијата, рече Зекири.
Александар Димовски истакна дека му е огромна чест добиената доверба од членовите на МАНУ да биде нејзин дописен член. – Ова го сфаќам не само како признание, туку и обврска за уште поплодна и понапорна научна работа во областа во која творам, а тоа е молекуларната медицина, која е на повидок да го промени комплетниот начин на практицирање на медицината во наредното столетие, рече Димовски.
Марјан Марковиќ, проф. по дијалектологија на Филолошкиот факултет во Скопје и соработник на МАНУ за проекти на Центарот за ареална лингвистика, истакна дека изборот му е мотив да продолжи да работи како и досега. – Верувам дека ќе се ангажирам повеќе во координацијата што ја водам за проектите Општословенски лингвистички атлас и Европскиот лингвистички атлас, во кои македонскиот јазик е на доста високо ниво… и во проучувања што ќе го подигнат местото на македонскиот јазик не само во регионалните текови на лингвистиката, туку и пошироко, изјави Марковиќ.
И кардиологот Сашко Кедев се заблагодари за укажаната доверба да биде дописен член на МАНУ. – Сметам дека тоа е чест, но и голема обврска на секој академски граѓанин што влегува во оваа институција. Се надевам дека во рамките на моите можности ќе имам можност да дадам придонес во развојот на Одделението за биомедицински науки, кое досега има забележителни домашни и меѓународни резултати. Мојата активност би ја фокусирал на две полиња – доближување на клиничката, реалната медицина во МАНУ, како медиум кој ќе овозможи доближување на најновите достигнувања од светот на домашен терен, и ќе учествувам во поголема меѓународна афирмација на македонската Академија, рече д-р Кедев.