Во тек е Тиквешката винска регата по течението на реката Вардар, настан кој се одржува трета година по ред, во организација на Здружението на граѓани Винотек од Кавадарци.
Со чамци и кајаци се минува дел од македонскиот пат на виното, по кој некогаш со сплавови се носело вино до Солун. На тој пат, учесниците во регатата посетија неколку познати винарии од регионот, каде што наздравија за здравје и среќа.
– Целта е да се промовираат винскиот пат во државата на кој бројни винарии нудат вино со извонреден квалитет, но и водите на реките Црна и Вардар кои нудат неповторлии доживувања, како и бројни други објекти кои се интересни за туристите, рече кавадарчанецот Јован Еленов, претседател на Здружението.
Директорот на регатата, кавадарчанецот Панче Арсовски, нагласи дека на патот на виното ќе ги спојат љубовта кон виното и кон водите кои преку наводнувањето на тиквешките лозја го раѓаат токму тоа квалитетно вино.