Чешкото Министерство за надворешни работи можеби ќе треба да затвори околу 45 свои мисии во странство поради недостиг на средства во буџетот, пишува весникот „Право“, повикувајќи се на извештај доставен до Владата.
Како што пренесе дописникот на МИА од Прага, најпесимистичкото сценарио зборува за укинување на 45 помали мисии во странство и отпуштање на 270 вработени.
– Недостигот на околу 35 милиони евра ќе значи дека ќе треба да се затворат 45 помали мисии во странство, или повеќе од една третина од вкупниот број на 116 мисии, вклучително и генерален конзулат во Ченгду (Кина), се вели во документот.
Во документот не се открива колку конзулати и амбасади ќе бидат реално затворени.
Според „Право“, Министерството за финансии планира да ги намали буџетските расходи на Министерството за надворешни работи.
Претходниот Владин состав поради штедење затвори неколку Чешки мисии во 2010 година и тоа амбасадите во Јемен, ДР Конго, Костарика, Венецуела и генералниот конзулат во Мумбаи, Индија.
Сепак, две години подоцна беа отворени новите мисии во Колумбија, Бурма и Сенегал.
Според изјава на висок чешки дипломат, кој побарал да остане анонимен, Министерството за надворешни работи доколку не добие дополнителни пари веќе во лето нема да има средства.
Како причини се наведуваат недоволната реакција на некои фактори кои предизвикале пораст на трошоците во амбасадите и падот на круната спрема еврото.