Членови на нигериски одред на цивилната одбрана соопштија дека торба со рачно изработени бомби, пронајдена во напуштен камп на терористичката група „Боко Харам“ во североисточниот дел на Нигерија, експлодирала убивајќи 63 лица.
Според очевидци, додека биле на патрола припадници на одредот пронашле метални предмети и ги однеле во градот Монгуно. Голем број од локалното население се собрале да ги разгледаат предметите кога се случила експлозијата. Нигериските екстремисти често употребуваат импровизирани експлозивни направи во своите напади.
Групата Боко Харам воспостави контрола над голем дел во североисточна Нигерија, од каде годинава беше потисната со помош на меѓународни сили. Нигериската армија тврди дека екстремистите сега се присутни само во планинскиот дел околу градот Самбиза до границата со Чад.