Данокот на додадена вредност (ДДВ) од 5 отсто за становите што требаше да важи до 31 декември 2015 ќе остане непроменет уште три години.
Ова е предвидено со најновите измени на Законот за ДДВ кои ги подготвува Министерството за финансии, беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора.
Според анализите на Комората, побарувачката на станови се зголемува иако продажбата бележи благо намалување. Тренд на опаѓање имаат и цените, за околу 11 отсто од 2010 година.
– Интересот за купување станови се зголемува и тоа, пред се, се должи на повластената ДДВ стапка од 5 отсто. Затоа бараме пролонгирање на одредбата која го дефинира овој процент односно стапката на ДДВ да не се зголеми, истакна Марија Петреска од Комората.
Евентуалното зголемување на ДДВ од 5 на 18 отсто, додаде Петреска, би повлекло поскапување на становите за околу 13 проценти, а тоа ќе резултира со намалување на прометот за два до три пати, и намалување на приходите во државниот буџет.
Стопанската комора укажува и на континуирано зголемување на вредноста на станбените кредити кои се речиси двојно зголемени од пред 5 години. Во овој изминат период се искористени станбени кредити во вкупна вредност од околу 186 милиони евра.
Генерална е оценката дека изградбата на станови е се побрза и поквалитетна. Согласно анкетата на Комората со која биле опфатени 20 компании, моментно во градба се 2.042 стана од кои 252 не се продадени. Продажбата, велат од Комората, и натаму е најмногу условена од атрактивноста на локацијата.
Просечните цени на становите минатата година во Скопје изнесувале 876 евра за метар квадратен без ДДВ за разлика од 2010 година кога биле 1.043 евра. Во останатите населени места низ Македонија метар квадратен лани чинел 544 евра, а во 2010 – 718 евра.