Во Охрид денеска свечено ќе биде отворена Летната школа на 48. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура.
На отворањето во Конгресниот центар на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ ќе се обрати претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, а ќе присуствуваат и ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ проф.д-р Велимир Стојковски и директорот на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура проф. д-р Славица Велева.
Меѓународниот семинар, чија цел е изучување и афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во светот, е во организација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и традиционално се одржува во Охрид.
Оваа година на Летната школа на 48. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура ќе присуствуваат 78 учесници од 20 земји. На семинарот ќе учествуваат и 18 универзитетски професори кои на своите универзитети ги вклучуваат темите од областа на македонскиот јазик, литература, култура.
Покрај редовната лекторска настава преку лекторски курсеви поделени според степенот на познавање на македонскиот јазик, од оваа година летната школа почнува и со напреден курс – преведување. Тој се отвора поради интересот на македонистите кои го завршиле напредениот степен на изучување на македонскиот јазик, а кои чувствуваат потреба од продлабочено проучување на специфичностите на македонскиот јазик во различни функционални стилови.
Предвидени се и секојдневни предавања од областа на јазикот, литературата, културата и историјата. Зависно од интересот на учесниците, секој ден ќе се одржуваат и два тематски курса: Граматичките категории на македонскиот јазик и Македонска литература и култура.
Во вечерните термини ќе има претставувања, промоции и интерактивни настани, преку кои ќе се презентираат најновите случувања во македонската наука и култура.
Во рамки на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, на 27-ми и 28 јуни ќе се одржи и 42. Меѓународна научна конференција. Тема на лингвистичката секција оваа година е „Македонската азбука и македонскиот правопис 1945 – 2015“, посветена на 70-годишнината од кодифицирање на азбуката и на правописот на современиот македонски јазик. На конференцијата ќе учествуваат домашни и 20 странски лингвисти.