Прва трка во планински велосипедизам на Светската велосипедска федерација ќе се одржи денеска во Македонија, во рамки на Маврово маунтинбајк викенд.
Ќе се натпреватуваат елитни планински велосипедисти од целиот регион за квалификациски поени за учество на Олимписките игри во Бразил во 2016 година.
Дводневниот настан е организиран од Енерџи Сајклинг, со поддршка од Општина Маврово и Ростуше, Националниот парк Маврово и Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија.
Стартната линија е во близина на паркингот на хотел „Бистра“ во Маврово во 13 часот. Наградите на победниците ќе им бидат доделени во 15.15 часот на истата локација.
Во рамки на настанот, во Маврово утре ќе се одржат два планински велосипедски маратони (42 км и 90 км) и една рекреативна друмска тура (31 км).
Според организаторите, Маврово маунтинбајк викенд се очекува да привлече повеќе од 400 посетители.