Сопствениците на моторните возила ќе можат со поставување налепница „Мисли на велосипедистите“ да изразат поддршка за поголема безбедност на велосипедистите во сообраќајот.
Налепницата се поставува на десниот ретровизор, од страната на совозачот, во левиот (внатрешниот) долен агол, согласно упатството на ФИА, на позиција каде не може да влијае на намалување на прегледноста и покривање на „слепиот агол“.
Клучните пораки кои треба да ги пренесе наленицата „Мисли на велосипедистите“, а се однесуваат на возачите на моторни возила, се да ги гледаат и користат ретровизорите, да внимаваат на велосипедистите бидејќи тие се поранлива категорија на учесници во сообраќајот и тоа дека велосипедистите не се појавуваат одненадеж.
Оваа активност е дел од поголем проект „Со велосипед на пат низ целиот град“ кој на почетокот на оваа година го иницираше АМСМ во соработка со FIA, а кој го поддржаа сите релевантни владини и невладини институции и неформални здруженија, како МВР, Град Скопје, РСБСП, велосипедската заедница и други.
Налепниците ќе може да ги добијат сопствениците на автомобили кои ги користат услугите на АМСМ во Скопје (Центар и Чаир) и во Велес, од пнеделник.