Одбележувајќи ја својата десетта годишнина, БИРН ќе биде домаќин на конференција за медиуми на која ќе се дискутира за клучни теми од оваа сфера и ќе бидат презентирани препораки од граѓанското општество на Балканот до владите во регионот за подобување на состојбата со медиумите.
Регионалната конференција посветена на медиумите, со наслов „Предизвици за слободата на медиумите“, во организација на Балканската истражувачка репортерска мрежа, ќе се одржи во петок, 12 јуни, во Сараево. На неа раководителите на БИРН, како и медиумски експерти, ќе дебатираат околу главните пречки за слободата на медиумите на Балканот.
„Медиумите насекаде низ регионот се во целосно ропство на бизнисот и политиката. Во некои земји ситуацијата е алармантна“, вели регионалната директорка на БИРН, Гордана Игриќ.
„Верувам дека е важно работите да се погледнат од регионална перспектива. Некои од проблемите се специфични, но некои се заеднички за сите балкански земји. Со цел да се справиме со нив, ни треба единствена, заедничка иницијатива“, вели Игриќ.
Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, ќе им се обрати на учесниците преку видео порака, додека професорот на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, ќе претстави листа со препораки до балканските влади за унапредување на состојбата на медиумите во регионот.
Препораките се резултат на заедничкиот труд на повеќе од 30 медиумски професионалци и експерти кои се собраа во Сараево еден ден порано, на регионалната работилница за слобода на говорот. Тие дискутираа прашања поврзани со работничките права, државното финансирање на медиумите и јавните сервиси, медиумскиот пазар, транспарентноста на медиумското сопствеништво, како и претставувањето на ранливите и маргинализирани групи.
Помеѓу експертите кои зедоа учество во подготвувањето на препораките се Ремзи Лани од Албанскиот институт за медиуми, Ајша Рокса Зубчевиќ од Босанската регулаторна агенција за електронски комуникации, Саша Лековиќ, претседател на Хрватската новинарска асоцијација, косовскиот правобранител, Сами Куртеши, Дејан Георгиевски од Македонскиот центар за развој на медиуми, директотор на црногорсиот весник „Вијести“, Жељко Ивановиќ, како и Тања Јакоби од Српскиот центар за развој на синдикализмот.
Експертите со собраа во Сараево како дел од Форумот за граѓанско општество во Западен Балкан, заеднички проект на фондациите ЕРСТЕ и „Фридрих Еберт“ и на институтот „Карл Раинер“, во блиска соработка со Австриското федерално министерство за Европа, интеграција и надворешни работи.
Форумот за граѓанско општество во Западен Балкан нуди уникатна можност претставниците на граѓанското општество од Југоисточна Европа да ги искажат своите мислења и да формулираат конкретни барања до високите претставници на Европската унија, нејзините земји членки и до владите на земјите од Западен Балкан.
Препораките кои ќе бидат презентирани во Сараево ќе станат дел од поширокиот пакет на препораки на граѓанските организации на Самитот за Западен Балкан во Виена, кој ќе се одржи во август.
Самитот е продолжение на таканаречениот „Берлински процес“, што беше инициран во август 2014 година од страна на германската канцеларка, Ангела Меркел, со цел да ја покаже понатамошната политичка посветеност кон идното проширување на Европската унија во Западен Балкан.