Демократскиот сојуз, по синоќешниот неуспех на преговорите во Брисел меѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан, повикува на разумно и одговорно однесување и на продолжување на политичкиот дијалог.
ДС предлага да се подготви системско решение за формирање за транзициска (преодна) Влада со мандат од 6-12 месеци, која ќе подготвува и спроведува парламентарните избори, независно дали се предвремени или редовни.
Предлага вклучување на опозицијата во Парламентот и формирање на Парламентарен Комитет (или комисија), со широки овластувања кој ќе ги расчисти злоупотребите на системот за прислушување, како и содржината на прислушуваните разговори и ќе ја дефинира политичката одговорност на сите оние кои го кршат Уставот и Законот. Исто така да се направат системски промени на политичкиот систем, посебно околу поставеноста и составот на Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители, изборот на судии и јавни обвинители, министер за внатрешни работи, комисијата за спречување на корупција и сл. Промени за поставеноста на медиумите посебно МТВ, нивното финансирање и слично. Да се донесе Закон за борба против институционалниот криминал, во кој ќе се предвиди конфискација на нелегално стекнатиот имот од страна на функционерите и забрана за политичко дејствување од најмалку десет години.
Системските промени треба да ги подготват работни групи од Собранието со вклучување во нив и експерти, претставници од универзитетите, невладините и други граѓански организации и асоцијации и медиуми. Креаторите на оваа криза, според нив, мора да понесат одговорност и бара сите тие да се повлечат од функциите.