Пратеникот од Демократскиот сојуз Павле Трајанов денеска поднесе Предлог на закон за измена и дополнување на Изборниот законик, со кој се предлага пропорционален изборен модел, а Република Македонија да биде една изборна единица.
Со промените, како што објаснува Трајанов, ќе се обезбеди состав на Парламентот кој ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните, но и во голема мера ќе се стеснат можностите за кршење на изборните правила, како и друг вид нерегуларности нотирани во сите извештаи на ОБСЕ и ОДИХР.
Република Македонија циклично запаѓа во длабоки политички кризи кои, покрај другото, смета пратеникот, се и поради изборниот модел, односно поделбата на Македонија на шест изборни единици, со кои се обезбедува доминација на една политичка партија, која во пракса воспоставува „еднопартиски систем“, суспендирајќи ги законодавната и судската власт, без механизми за контрола и одговорност на извршната власт.
– Доколку Македонија биде една изборна единица повеќе партии ќе бидат застапени во Собранието, при што неминовно ќе биде потребна соработка и коалицирање при практицирање на власта, но пред сè ќе јакне одговорноста во одлучувањето и владеење на правото, рече Трајанов.
Очекува поддршка за овој предлог од сите партии кои, како што наведува, се определени за повеќе права и демократија, како и за поголемо учество на граѓаните во носењето на крупните одлуки битни за иднината на државата.