Во пресметка на две спротивставени вооружени групи во сојузната држава Гереро, на југот на Мексико, убиени се најмалку десет лица, објавија денеска локалните медиуми
Како што јавува Танјуг, до пресметката дошло синоќа во селото Ксолапа, кое има само 500 жители, северно од популарното летовалиште Акапулко. Инцидентот се случи во пресрет на денешните општински избори, околу кои има големи тензии.
Првичниот впечаток, меѓутоа, е дека пресметката нема врска со изборите, туку со насилството меѓу завојуваните криминални групи што е многу раширено во овој дел од Мексико, пренесоа француските медиуми.
Претседателот на Комисијата за човекови права на покраината Гереро, Рамон Наварете, изјави дека членови на неговата агенција виделе десет тела и дека во моментов се проверуваат извештаите за уште три жртви.
Официјален претставник на властите во Гереро, кој посака да остане анониман, изјави дека вкупниот број погинати може да нарасне на дури 16.
До пресметката дошло во една куќа во која заседавале припадници на „локалните групи за самоодбрана“, кога одеднаш пред куќата стигнале осум возила полни со членови на ривалската банда и тие веднаш отвориле оган врз сите кои се наоѓале внатре.
Постоењето на групи за самоодбрана на локалното индијанско население е легално во Гереро, а до синошениот судир дошло и покрај големиот број полицајци и војници распоредени во оваа сојузна држава во пресрет на денешните локални избори.