Чесите се едни од најголемите корисници на марихуана и екстази во Европа, а на врвот на статистичките податоци во врска со марихуаната се чешките студенти, јави дописникот на МИА од Прага.
Според Извештајот на Европскиот центар за дрога и зависности од дрога, дури 40 проценти од нив имале искуство со марихуаната, а младите имаат проблеми и со метамфетамините, чија употреба во последниве години значително се зголемува.
Во текот на изминатата година марихуана користел секој петти Чех на возраст од 15 до 34 години. Чешките корисници на марихуана традиционално водат на европскиот список.
Додека во категоријата на возрасните, каде оваа дрога за време на животот ја пробале 22,8 проценти, Чешка е малку под просекот на ЕУ кој е 23,3 посто, во групата на млади луѓе на возраст од 15 до 34 години е речиси двојно поголема од просекот на ЕУ.
Речиси четвртина од возрасните Европејци, односно 80 милиони возрасни луѓе во својот живот пробале некаква нелегална дрога. Од забранетите стимуланси во Европа најраширено е користењето на кокаинот, кој барем еднаш го пробале 14,9 милиони луѓе. Многу корисници, кокаинот го користат рекреативно. Чешка со 0,3 проценти на корисници значително е под просекот.
Спротивна е ситуацијата со екстазито. Младите Чеси се на врвот на статистиката во неговата употреба и минатата година редовно го употребувале три проценти од нив.
Во Чешка од историски причини се пораширени метамфетамините, кој нелегално се произведуваат во земјата од 70-те години на минатиот век. Нивното годишно производство е седум тони.
Статистиките од 2013 година наведуваат проблеми со користење на таа дрога кај 0,48 проценти од возрасните Чеси.
Проблемот се зголемува со појавата на интернет пазарот и можноста лесно да се набави било која дрога.