Децата од Шипковица за прв пат ќе добијат центар за ран детски развој

Од:

Благодарение на новиот центар за ран детски развој, кој е отворен како дел од иницијативата „Првите 5 се најважни”, за прв пат досега околу 60 деца на возраст од 3 до 6 години од селото Шипковица ќе имаат можност да посетуваат квалитетна образовна програма за ран детски развој во нивната заедница.

Сместен на Шар планина, на околу 1100 метри надморска височина, центарот во Шипковица беше официјално отворен од страна на г-а Теута Арифи, градоначалничка на Тетово и др Бертран Демулен, претставник на УНИЦЕФ. Тоа е деветтиот по ред отворен центар за ран детски развој со средства кои се донирани од Фондацијата Т-Мобиле за Македонија.

„Пред некое време го отворивме центарот во Селце, денеска го отвораме во Шипковица, а планираме да отвориме уште неколку нови центри во општина Тетово,” рече г-а Теута Арифи, градоначалничка на Тетово. „Центарот беше отворен со придонес од основното училиште и локалната НВО – Женски Форум, но општината ќе мора да ја обезбеди одржливоста.”

Земјите ширум светот инвестираат за да се зголеми пристапот до предучилишно образование. Европската унија е меѓу оние кои признаваат дека раното детско образование може да ја даде основата за понатамошен успех во животот во однос на образованието, благосостојбата, можностите за вработување и социјалната интеграција, особено за сиромашните деца. Како одредница за постигнување, земјите-членки на ЕУ работат на тоа до 2020 година најмалку 95% од децата на предучилишна возраст од 4 години или повозрасни да учествуваат во рано детско образование.

Реформите кои ги предводи Министерството за труд и социјална политика со поддршка од УНИЦЕФ даваат видливи резултати за децата во земјата. Бидејќи државата обезбеди законска можност за општините да воспоставуваат исплатливи алтернативи на детските градинки, пристапот до рано детско образование за децата на возраст од 3-5 години е зголемен од 29 проценти во 2013 на 34 проценти во 2014.

„Во земјата постои јасна и силна посветеност да се обезбедат можности децата да посетуваат квалитетно рано детско образование,” рече др Бертран Демулен, претставник на УНИЦЕФ. „Но, имајќи предвид дека едно од три деца посетува предучилишно образование, потребно е да се направат многу повеќе заложби.”
Општините, како што е општина Тетово, ги користеа средствата за воспоставување на центрите кои се ставени на располагање преку иницијативата „Првите 5 се најважни” за да се пренаменат неискористените училници во училиштата во центри за ран детски развој.

„Инвестициите кои се потребни за да се овозможи сите деца во Македонија да добијат еднакви можности за квалитетнен ран детски развој не се преголеми,” рече г-ѓа Леа Липша, претседател на Фондацијата Т-мобиле за Македонија. „Центрите кои досега се отворени служат како модел за останатите општини и приватни компании за да се вклучат и тие.”

Би можело да ве интересира

Корчок: Се надевам дека преговарачката рамка ќе биде усвоена за време на португалското претседателство

Димитров и Османи во Брисел на средби со Борел и Лајчак

Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со Северна Македонија

Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

СДСМ: Најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го признае пописот е доказ за антидржавно и деструктивно однесување

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пендаровски: Не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции, мора да сме системски подготвени за следната криза