Во историската сала на Конзерваториумот „Јан Дејл“ во Прага вечер во 20 часот на концерт ќе настапи сопранистката Милена Арсовска, јави дописникот на МИА од чешкиот главен град.
Насловот на концертот е емотивно симболичен ,,Кога европскиот валцер ќе се состане со аргентинското танго”.
– Гостувам во Прага на покана на Бледар Зајми, виолончелист во Чешката национална опера и во придружба на пијано, виолина и виолончело ќе изведеме дела од Штраус, Пиацола, Де Фала, Лехар и Зихрер, изјави певицата Арсовска пред концертот.
Таа со особено задоволство откри дека од октомври ќе настапува во прашката Национална опера каде неодамна на аудиција ја доби главната улога во операта „Славеј” од рускиот композитор Игор Стравински.
Арсовска дебитирала на 17 години на сцената на Македонската опера и балет. Како слободен уметник повеќе од шест години живее во Виена каде има завршено магистерски студии по оперско пеење.
Покрај во Македонија и Австрија, има настапувано и во Шпанија, Италија, САД, Јапонија.
Бледар Зајми, пак, кој ја покани Арсовска во Прага, е роден во Тирана. Дипломирал и магистрирал во Прага каде и работи, и е добро познат и на македонската публика пред која има повеќепати настапувано.