Сметките за водовод и канализација, радиодифузна такса, за мобилна и фиксна телефонија, кабловска телевизија и интернет од операторот One и од Blizoo, како и за плаќање на јавни давачки – такси, казни и даноци отсега може да се платат и преку платежни терминали.
Услугата ја овозможува за македонските граѓани компанијата PayNet. Може да плаќаат во готовина или со платежни картички. Платежните терминали се достапни 24 часа и 365 дена во годината, а ќе бидат поставени на територијата на целата земја, најпрвин во централните градски подрачја, а потоа и во руралните области.
Од компанијата уверуваат дека станува збор за високо безбеден уред за самоуслужување кој функционира многу едноставно. На мониторот на платежниот терминал се врши избор на услугата за која се врши плаќањето, а потоа се внесува корисничкиот број од сметката или бројот на фактура. Во терминалот се внесува готовина, брзо се процесира наплатата, по што излегува испечатена потврда за извршено плаќање. По завршување на тансакцијата, која трае помалку од една минута, се добива конфирмација за извршеното плаќање на сметка по пат на смс порака.
– Секојдневно, голем дел од граѓаните во Македонија се оптоварени со чекање во долги редици за да платат сметки. Нашата цел е да го решиме овој проблем и да го направиме процесот на плаќање многу полесен, посигурен и да овозможува комодитет. Нашиот систем е наменет за сите граѓани – за оние кои го преферираат користењето на готовина ги воведовме платежните терминали, а за оние кои веќе користат платежни картички и електронско банкарство за плаќање сметки го воведовме е-паричникот. Kреиравме и бесплатна мобилна апликација (за iOS и Android) и веб страна за граѓаните да имаат полесен пристап до својата сметка. PayNet постојано работи на обезбедување на нови услуги и функционалности на системот, изјави Темирмалик Шомансуров, извршен директор на PayNet, Македонија.
Платежните терминали функционираат по модел базиран на провизија која се наплаќа од процесираната сума. Најголем дел од услугите се без провизија, односно таа се наплаќа од страна на давателите на услугите. Но, постојат и услуги за кои се наплаќа провизија од корисниците, односно тие што го вршат плаќањето, како што се јавните давачки.
Проектот е овозможен во соработка со НЛБ Тутунска банка.