Чешкиот Парламент ја отфрли иницијативата за изгласување недоверба на Кабинетот на премиерот Бохуслав Соботка, јави дописникот на МИА од Прага.
Предлогот беше поднесен од пратениците на опозициските партии, ТОП 09, Граѓанската демократска партија (ОДС) и здружението ,,Зора”, кои со 47 обезбедени гласови не успеаа да ги обезбедат потребните 101 гласа од вкупно 200 пратенички места.
Иницијаторите побараа Парламентот да гласа против Владата на Соботка заради судирот на интереси кои сметаат дека постои во работата на министерот за финансии и потпретседател Андреј Бабиш бидејќи тој поседува компанија која добива и владини тендери.
Целата ситуација кулминираше минатата недела кога Парламентот го изгласа продолжувањето на даночните олеснувања за компании кои се бават со производство на биогорива, а меѓу нив е и компанијата ,,Агроферт” на Бабиш.
Бабиш негирајќи го судирот на интереси изјави дека во 2010 година нему лично му било барано мито од еден милион евра за неговата компанија да биде ставена на програмата за биогорива.
Според премиерот Соботка, на десницата и пречи тоа што Владата ја исполнува својата програма, како и нејзините планови за воведување мерки против затајувањето на данок.