Според анкетата што од 18 до 23 мај ја спроведе агенцијата Суан Дусит, над 86 посто до вкупно 1.191 анкетирани граѓани се задоволни од едногодишното владеење на воената хунта во Тајланд.
Најголема причина за задоволство на анкетираните е враќањето на редот и мирот во државата која до пред воениот удар со месеци беше потресувана од масовни демонстрации и голем број загинати и повредени во судирите меѓу противниците и поддржувачите на со ударот сменетата премиерка Јинглук Шинаватра.
Најголемиот број од анкетираните тајландски државјани се задоволни од економската политика на привремената воена власт, но не и со темпото на изготвувањето на новиот Устав, што треба да овозможи повторно одржување на парламентарни избори.
Во анкетата немало прашања за меѓународната положба на Тајланд по воведувањето на воената управа на 22 мај минатата година. По воениот удар, САД, државите на ЕУ и Австралија прогласија економско ембарго и ги заладија дипломатските односи со Тајланд. Поради ова се зголемија кинеските инвестиции во стопанството, особено во инфраструктурата, а Кина има најави дека годинава бројот на туристи од таа држава во Тајланд ќе се зголеми од еден на два и пол милиони.