Македонско еколошко друштво (МЕД) почнува иницијатива за броење гнезда на штркови на целата територија на Македонија.
Акцијата, во наредните неколку недели ќе ја реализираат волонтери и локално население од Скопје, Гевгелија, Кавадарци, Радовиш, Валандово, Струмица, Ресен и Охрид. Според МЕД, најголемото подрачје, кое е и најтешко да се опфати целосно заради големата површина и број на гнезда е Пелагонија.
МЕД соопшти дека броењето гнезда на штркови се спроведува во истиот период низ цела Европа, а намалувањето или растот на бројот на штркови е важен индикатор за квалитетот на животната средина во која живееме.
– Се надеваме дека броењето ќе оди лесно бидејќи гнездата и птиците се препознатливи и локалното население знае точно каде се наоѓаат. Низ Европа дури и деца учествуваат во овој потфат и со голема радост ги бројат гнездата на штркот. Затоа и ние во Македонија се надеваме на целосен успех, истакна Ксенија Путилин од Македонско еколошко друштво.
Популацијата на штркови во Македонија е следена во периодот од 2002 до 2012 година во Пелагонија, кога е забележан пораст од 220 на 320 гнезда. Лани бил направен пробен цензус на општината Чешиново-Облешево која е и дел од Европската мрежа на села на штркови.
Според досегашните европски истражувања, МЕД информира дека со намалувањето на бројот на стари големи дрва кои се погодни за гнездење се зголемува бројот на гнезда во непосредна близина на човекови населби, особено на бандери. Понекогаш гнездата кои се наоѓаат на бандера се опасни и за штрковите и за луѓето па затоа добро е што постојат иницијативи од енергетските компании во земјава за поставување на платформи за гнездење. Ваквите платформи ако се правилно поставени и во право време штрковите лесно ги прифаќаат. Гнездата, пак кои се наоѓаат на кровови имаат голема поддршка од луѓето кои често и самостојно водат грижа за нивното зачувување.