Кошаркарите на Реал Мадрид ја освоија титулата европски шампион откако синоќа во финалето од завршниот турнир од Евролигата го победија Олимпијакос со 78:59.
На полувремето Реал водеше со 35:28, пред се благодарение на добрата втора четвртина.
За Реал Мадрид ова е деветта титула европски првак, а прва по 20 година. Последната ја освоија 1995 година и тогаш во финалето го победија Олимпијакос. Претходните два финални натпревара „кралскиот клуб“ во претходните две години ги загуби од Олимпијакос и од Макаби.
Клуч за победата беше серијата од 11 поени (три тројки) на Џејси Керол, откако по водство на Реал од 11 поени (40:29), Олимпијакос успеа да изедначи на 43:43, а тогаш на сцена стапи Керол за ново водство на Реал, кој завршниот турнир го играше на домашен терен во Мадрид.
Керол постигна 16 поени, а најефикасен беше Мет Лоџески од Олимпијакос со 17 поени.
Во редовите на Олимпијакос потфрли Василис Спанулис, кој постигна само три поени.
Инаку, кошаркарите на Реал Мадрид постигнаа дури 13 тројки, а беа подобри и во скокот (40:25), додека Олимпијакос имаше проблеми и со слободните фрлања и дури 14 ги промашија.
Признанието МВП (најкорисен) играч на турнирот го доби играчот на Реал Андреас Ночиони, кој во финалето постигна 12 поени, а имаше и 7 скокови.