(ВИДЕО) Граѓанското општество се приклучи кон коалицијата Граѓаните за Македонија

Од:

Претставници на граѓанското општество денеска објавија дека се приклучуваат на граѓанската коалиција Граѓаните за Македонија.

Марјан Забрчанец, од граѓанската платформа Ајде! повика на одбрана на граѓанското општество и повика на оставка на целата влада.

– Ние девет години ја повикуваме оваа влада да се корегира, таа девет години одбива да послуша, одбива да се коригира, одбива суштински да соработува со граѓанскиот сектор. Затоа сме едногласни дека владата на Република Македонија мора да поднесе неотповиклива оставка и формирање на преодна, експертска влада, рече Забрчанец, кој потенцираше дека оваа коалиција е натпартиска и граѓанска.

Славчо Димитров од Коалиција за права на маргинализирани заедници изјави:

– Поради континуираното насилство, опресија и газење на достоинството на стотици илјади граѓани на Република Македонија во последните девет години, поради ширењето на културата на насилство и уништениот град и украдените пари кои се трошат за креирање на националистичко лудило, профит на тесна елита, насилството од полицијата по налог на власта, поради загинатите полицајци… оваа власт и тоталитарниот модел на владеење мора да падне, рече Димитров и повика на масовно учество на протестите на 17 мај.

Петрит Сарачини, граѓански активист и новинар ги повика сите граѓани без оглед на политичката, етничка или верска припадност, род или сексуална ориентација, да се сплотат и да бидат сите заедно на 17 мај.

– Оваа власт, години наназад, воопшто не ги слуша, ниту ги адресира барањата на граѓаните. Напротив, нејзиниот начин на дејствување е тоталитарен, апсолутистички и секогаш во функција на сопствените интереси и интересите на една тесна клика која го узурпира секој домен на нашето општество, рече Сарачини.

Ашмет Елезовски, граѓански активист изјави дека Ромите никогаш во историјата не биле за рушење на системи со војна или насилство.

– Повикуваме на разумност, смиреност и толеранција, почитување на секого, а со тоа и на Ромите.“

Донка Барџиева од Центар за културно наследство нагласи дека Македонија има специфично културно и природно наследство, кои оваа влада се обиде да ги доведе во прашање, како и основните човекови.

Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода изјави дека времето на оваа врхушка на власт истече.

– Со години, грубото кршење на човековите права, суспензијата на Уставот и киднапирањето на институциите и медиумите, придонесоа кон состојба од која нема враќање. Врхушката на власт мора да падне за да се создадат услови за враќање на демократијата, уставниот поредок и почитувањето на човековите права. Потребно е оваа и ваквата власт да падне, за да се создадат услови за фер и демократски избори, рече Дерала и повика на мирни и ненасилни протести.

– Да ја кутнеме оваа власт со дух и хумор, додаде тој.

Искра Гешовска во името на здруженијата „Контрапункт“ и „Јадро“ изјави:

-Оваа зграда зад нас не е грда само од естетски причини. Таа е грда затоа што е симбол на брутално, репресивно, насилно владеење, на задушување на искуствата на слободата и правдата на граѓаните на Република Македонија. Дојде денот кога граѓаните треба да покажат дека политиката им припаѓа ним.

Владо Димовски од Центар за меѓуетничка толеранција рече: „на 17-ти ќе се залагаме да падне оваа влада и да не чепка повеќе во меѓуетничките односи и секоја наредна влада што ќе се обиде тоа да го направи, ќе нѐ најде нас на улица, заедно со сите граѓани.“

Билјана Секуловска-Габер, универзитетски професор и член на „Вокс Академика“ рече дека оваа Влада го уништи сосема образованието.

– Оваа влада стави рака врз образованието, го уништи, од основното, преку средното, до високото образование, навлегувајќи длабоко во автономијата на универзитетот. Ве повикувам, да не се претвориме во чудовишта, да излеземе на 17 мај сите заедно, здружено и да покажеме дека ни е доста од оваа репресија. Дека конечно сакаме да завладее демократијата во нашата земја, рече Секуловска-Габер.

Никола Писарев од Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ ги повика сите 17 ипол илјади граѓани што гласаа на референдумот за ГТЦ да се приклучат на протестите на 17 мај и да ја добијат оваа битка за слобода во еден многу поголем формат.

Би можело да ве интересира

Илјадници демонстранти се собраа во Тел Авив барајќи крај на војната во Газа

(ВИДЕО) Зеленски потпиша контроверзен закон, започнаа најголемите протести од почетокот на војната

Притвор за седуммина уапсени во Ужице, адвокатите ја прекинаа работата

Десетици илјади луѓе се собраа во Тел Авив барајќи крај на војната во Газа

Вучиќ: Вечерва очекуваме обид за насилство, но државата е подготвена

Денеска во Белград протест на студенти кои блокираат, властите апелираат за мир

Горан Наумовски