Организаторот на Виз Ер Скопски маратон, поради откажувањето на манифестацијата, денеска соопшти дека овозможи повеќе начини за оддолжување на сите учесници кои беа пријавени за трката.
– Доколку се обезбедат сите услови потребни за организација на настан од ваков тип, ќе се одржи ревијална трка на 5 км, предвидена за 20-ти септември и таа ќе биде отворена без надомест за сите учесници на маратонот, полумаратонот, штафетната трка, како и за оние кои планираа да ги освојат 5-те километри низ скопските улици на 10 мај оваа година. Сите регистрирани маратонци, полумаратонци, како и оние кои планираа да бидат дел од штафетната трка на овогодинешниот Виз Ер Скопски маратон, во некоја од следните три години ќе можат да изберат кога и која трка ќе ја трчаат без котизација. Ќе може да се избере меѓу маратон, полу-маратон и штафетната трка, се вели во денешното соопштение од Виз Ер.
Во него се додава дека уште една новина, е соработката со ,,RunCzech”, кои се организатори на седум трки во Чешка, меѓу кои и познатиот Прашки маратон, кој на сите пријавени на овогодишниот Виз Ер Скопски маратон во категоријата маратон, полумаратон или штафетен маратон ќе им овозможи бесплатно учество на некоја од трките кои ќе се одржат до крајот на оваа година. – Иделна можност за сите заинтересирани би била полумаратонската трка во Усти над Лабем, каде што Run Czech и Виз Ер Скопски маратон ќе организираат специјална програма на денот на трката, се вели во соопштението,
Организацискиот одбор на Виз Ер Скопски маратон одлучил големите количества храна кои биле обезбедени за натпреварувачите и волонтерите од компаниите Атлантик и Виталија, да ги донираат во хуманитарни цели во Армијата на РМ, Прифатилиштето за азиланти, Домот за рехабилитација за деца со попреченост во развој, Домот за воспитно запуштени деца 25-ти мај, Центар за демократски развој и иницијативи и Дневниот центар за деца од улица.
Од организацискиот одбор изразуваат благодарност за разбирањето и поддршката и упатуваат јавна благодарност до сите спонзори, волонтери, соработници и пријатели кои ги поддржуваа и помагаа во текот на целокупната организација.
Од Виз Ер потсетуваат дека овогодинешниот традиционален Скопски маратон беше откажан по барање на надлежните институции.
– Изразуваме длабоко жалење за настанатата ситуација и сочувствуваме со семејствата на загинатите бранители. Поради нарушување на безбедноста во државата Виз Ер Скопски маратон се одложи, свесни сме дека на овој начин останаа разочарани љубителите на маратонот од многу страни. Се подготвувавме за овој настан во текот на целата година со многу труд и ентузијазам, со нетрпение го очекувавме почетокот и одбележувањето на една од најпочитуваните и посетуваните спортски манифестации во државата, но ова беше единствениот начин преку превентивни мерки да ја осигураме безбедноста на сите инволвирани, што секако ни беше и ни е приоритет, се додава во соопштението.