Францускиот претседател Франсоа Оланд во Хавана имаше средба со кубанските револуционерни лидери Фидел и Раул Кастро, јавува Би-Би-Си.
На средбата со Раул Кастро, Оланд повика на крај на повеќедецениското американско ембарго против Куба, нагласувајќи дека ова ембарго сериозно му наштетило на островот.
Средбата со остарениот „Ел команданте“ кој сега има 88 години и мошне ретко се појавува во кубанската јавност, се одржа пред главната средба и разговорите на Оланд со својот домаќин, претседателот Раул Кастро.
Според француски извори, на кои се повикуваат американските медиуми, претседателот Оланд по разговорот со Фидел Кастро рекол дека имал средба со „човекот кој создаде историја“.
Фидел Кастро од победата на револуцијата на 1 јануари 1959 година и воведувањето на комунистичка власт на островот, беше на челото на Куба повеќе од 45 години. Неговиот помлад брат, Раул кој го наследи на лидерската функција, до смената на врвот, целиот тој период беше министер за одбрана.
Франсоа Оланд се наоѓа во официјална посета на Куба.
Станува збор за првата посета на еден француски претседател на овој карибски остров од независноста на Куба, во 1898 година.
Оланд е првиот западноевропски и западен државник кој ја посетува Хавана, откако Куба и САД ги обновија своите дипломатски односи во декември минатата година.
Пред него, во кубанскиот главен град престојуваа јапонскиот и рускиот министер за надворешни работи, Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, како и гувернерот на американската сојузна држава Њујорк, Ендрју Куомо.
Франсоа Оланд пред средбата со својот домаќин Раул Кастро, одржа предавање пред студентите во Хавана, заложувајќи се за укинување на американското трговско ембарго кон Куба, воведено уште во 1061 година и се сретна со кубанскиот кардинал Хаиме Ортега.