Тајландскиот премиер Прајут Кан-ока денеска упати барање до владите на Мјанмар и Малезија за одржување на заеднички состанок на кој би се договориле чекори за запирање на трговијата со луѓе од Мјанмар кон Малезија. Барањето на Прајут е мотивирано со пронаоѓањето на масовни гробници на илегални емигранти во граничниот појас меѓу Тајланд и Малезија.
Тајландските медиуми јавија дека се обиделе да ги контактираат министерствата за надворешни работи на Мјанмар и Малезија, но денеска не успеале да добијат коментар за повикот на премиерот Прајут Кан-ока. На прес конференцијата денеска премиерот Прајут лично соопшти дека трилатералниот состанок на високо ниво треба да се оддржи најкасно до крајот на месецов.
Од масовните гробници, откриени пред една недела, до сега се ископани 33 леша. Форензичарите претпоставуваат дека се работи за жртви на трговијата со луѓе од Мјанмар и Бангладеш. Тие се, најверојатно, припадници на муслиманското Ронгија малцинство, кои за трансфер до Малезија плаќале по 2.000 долари, но заглавувале на границата со Малезија бидејчи организаторите на илегалниот транспорт им барале уште пари.
Вчера тајландскиотт премиер издаде наредба за ангажирање на повеќе екипи од полицијата и војската, кои се задолжени за детално испитување на граничниот појас, бидејки има сознанијата дека во прашумата има повеќе масовни гробници.
Полицијата до сега уапси осуммина осомничени за кои смета дека се поврзани со нехуманиот транспорт на илегални емигранти. Седуммина од нив се локални службеници од регионот каде што се пронајдени масовните гробници, а едниот е државјанин на Мјанмар.