На големата сцена вo новата зграда на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес синоќа се одржа концерт на млади соло пеjачи од Факултетот за музичка уметност од Скопје.
На концертот беа изведени оперски арии, а настапија Злата Тошевска-сопран, Дамијан Каранфилов-баритон, Дарко Тодоровски – бас баритон, Деспина Спировска – сопран, Вариса Хајдарпашиќ – сопран и гостинката од Словениа, Амина Башиќ – сопран.
Концертот, кој беше дел од манифестацијата „Велес-Град на културата 2015“, го организира Здружението на лица со церебрална парализа од Велес во соработка со општината, Народниот театар и Про Арт маркетинг од Скопје.
Собраните средства од концертот ќе бидат наменети за летување на лицата со церебрална парализа од Велес.
Претседателката на здружението Далиборка Златева искажа благодарност за организаторите и граѓаните на Велес за искажаната поддршка за помош на овие лица.
Според Кети Маврополу од Про арт Маркетинг, целта на овие концерти на класична музика е популаризација на оперската музика меѓу младите во земјата.
На мини турнејата што ја организирале изминатите два месеци вакви концерти се одржале во Скопје, Струмица, Гевгелија и Куманово.