Тајландската полиција денеска уапси четири лица поврзани со илегална трговија со луѓе кои имале скриен логор во близина на границата на Тајланд со Малезија. Уапсени се тројца локални службеници и еден државјанин на Мјанмар, за кои има докази дека се непосредни организатори на илегалното преминување од Тајланд во Малезија.
Минатиот петок, по дојава на двајца избегани илегални емигранти, тајландската полиција откри масовна гробница од која до сега се ископани 27 лешеви, кои биле во распаѓање. За нив се смета дека се припадници на малцинството Рохингја кои живеат во Мјанмар и Бангладеш.
Според кажувањата на двете лица што избегале од собирниот логор каде што е откриена и масовната гробница, илегалните емигранти, кои за доаѓање до границата со Тајланд требало да платат околу 2.000 долари, биле принудувани да доплаќаат за услугите на трговците со луѓе, а оние кои немале пари биле изгладнувани и малтретирани до смрт.