Во Катманду денеска е затворен единствениот меѓународен аеродром за големи авиони, бидејќи пистата не може да издржи тешки летала со кои пристигнува хуманитарна помош за милиони жители по катастрофалниот земјотрес во Непал.
Бидејќи беа објавени извештаи за пукнатини на пистата и други проблеми на единствениот меѓународен аеродром во Непал, само на средните и малите авиони ќе им биде дозволено слетување.
– Аеродромот на периферијата на Катманду е затворен за поголеми авиони, бидејќи состојбата на пистата се влошува, потврди директорот на Меѓународниот аеродром „Трибхуван“, Бирендра Шреста, објаснувајќи дека пистата е градена за средна големина на авиони, а не за големи воени и товарни летала кои слетуваат на аеродромот по силниот земјотрес со интензитет од 7,8 степени според Рихтерова скала, кој ја погоди земјата минатата недела.
Малиот аеродром во Катманду има една писта и место само за девет авиони.