Враќање или да се остават мигрантите кои сакаат да стигнат до ЕУ да загинат во море е целосно неприфатливо, изјави романскиот премиер Виктор Понта денеска во интервју за Ал Џезира, цитирано од романската агенција Аџерпрес.
– Не можеме да кренеме ѕид пред луѓето кои сакаат да стигнат во Европа, истакна Понта, кој од вчера е во посета во Катар во рамки на турнејата во земјите од Персискиот Залив.
– Неприфатливо е ЕУ да каже дека не може да се стори ништо друго освен да се вратат овие луѓе , додаде тој. Според Понта, ЕУ треба да обезбеди дополнителни средства и да го подобри механизмот за интеграција на имигрантите.
– Ни требаат политики со кои ќе ги интегрираме повеќето од нив. Ова е одговорот на мојата земја, единствениот демократски одговор, изјави тој.
Според зборовите на Понта, сите европски држави можат да си дозволат да прифатат имигранти. Тој смета дека, сепак, „екстремни и популистички политичари го користат прашањето за имиграцијата во политичката битка, што е спротивно на европските вредности“.
– Треба да сме подготвени за нови бранови мигранти, предупреди Понта и воедно призна дека Црното Море се претвори во нова рута за мигрантите на патот кон ЕУ.