Владата на Непал соопшти дека повеќе нема шанси да бидат пронајдени нови преживеани од разорниот земјотрес од минатиот викенд, во кој загинаа 6.621 лице.
– Мина една недела од катастрофата. Се обидуваме најмногу што можеме да им помогнеме на луѓето, но сега веќе мислам дека нема никакви шанси некој жив да биде пронајден под урнатините, изјави портпаролот на непалското Министерство за внатрешни работи Лакшми Прасад Дакал.
Покрај новиот биланс на загинати од 6.621 лице, Дакал соопшти и дека бројот на повредени е зголемен на 14.023 лица.
Осум милиони од 28-те милиони жители на земјата се погодени од несреќата, меѓу кои 1,7 милиони се деца, соопшти ОН.
Земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтеровата скала го погоди Непал на 25-ти април, што е најсмртоносниот потрес во оваа земја во последните 80 години.